Бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија изминативе 5 години ќе растеше со побрзо темпо да не се случеше светската економска криза. Најдобра економија земјава имаше токму во 2007 година, пред глобалниот старт на кризата, кога беше остварен раст на БДП од 6,1%. Во 2008 година растот изнесуваше 5%, а веќе во 2009 година имаше негативен предзнак и достигна минус 0,9%. Но, македонската економија успеа да се консолидира, да балансира и во 2010 година растот на БДП достигна 2,9%, следната 2011 изнесуваше 2,8 %, а годинава ќе ја завршиме околу нулата. Во 10-годишниот интервал најслаба година за македонската економија е 2001 година кога имаме пад на БДП од 4,5 % што пак, се должи на состојбите предизвикани од воениот конфликт. Очекувањето на Народната банка за следната година е раст на БДП од околу 2,6%. Бројките потврдуваат дека изминативе 11 години бруто-домашниот производ речиси се удвоил и од 3,8 милијарди евра во 2001 достигнал 7,5 милијарди евра во 2011, а до крајот на октомври годинава тој изнесува 7,9 милијарди евра.
Бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија изминативе 5 години ќе растеше со побрзо темпо да не се случеше светската економска криза.
Најдобра економија земјава имаше токму во 2007 година, пред глобалниот старт на кризата, кога беше остварен раст на БДП од 6,1%. Во 2008 година растот изнесуваше 5%, а веќе во 2009 година имаше негативен предзнак и достигна минус 0,9%. Но, македонската економија успеа да се консолидира, да балансира и во 2010 година растот на БДП достигна 2,9%, следната 2011 изнесуваше 2,8 %, а годинава ќе ја завршиме околу нулата.
Во 10-годишниот интервал најслаба година за македонската економија е 2001 година кога имаме пад на БДП од 4,5 % што пак, се должи на состојбите предизвикани од воениот конфликт. Очекувањето на Народната банка за следната година е раст на БДП од околу 2,6%.
Бројките потврдуваат дека изминативе 11 години бруто-домашниот производ речиси се удвоил и од 3,8 милијарди евра во 2001 достигнал 7,5 милијарди евра во 2011, а до крајот на октомври годинава тој изнесува 7,9 милијарди евра. Графиконов на растот на БДП деновиве го презентираше македонскиот специјализиран портал економски.мк со точно утврдени податоци земени од архивата на Министерството за финансии.
На порталот е претставен и графиконот на којшто се гледа движењето на долгот на централната влада во изминативе 12 години. Според последните податоци на угледниот весник Економист", Македонија има јавен долг од 26,75% од БДП и се вбројува во групата на умерено задолжени земји. Како што информираше премиерот Никола Груевски, земјава е четврта најмалку задолжена земја во Европа, а проекциите на Владата се да се задржи таа позиција и во следната 2013 година.
И во анализите на Светска банка Македонија се етаблира како земја со умерена задолженост и една од двете во регионот (покрај Косово), чиј долг не ја надминува црвената линија за превисок долг, односно над 40% од БДП.
За професорот Зоран Ивановски реалните проекции за раст на БДП во РМ за 2013 година е околу 1%. Според новиот Буџет за 2013 година проектиран е буџетски дефицит од 3,5 % кој ќе се финансира со надворешно задолжување на државата, а тоа секако дека ќе проектира и зголемување на јавниот долг.
- Токму затоа се препорачува внимателно задолжување, особено во услови на криза, бидејќи теориски задолжувањето и буџетскиот дефицит во услови на криза не треба да биде поголем од 3,5%, а во овој случај имаме надминување од 0,5% - вели професорот Ивановски и потсетува дека сугестиите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е буџетски дефицит од 1,5%.
Тој укажува дека за јавниот долг особено треба да се биде претпазлив и доколку се зголемува, тогаш инвестициите треба да се насочат во продуктивна насока, односно тие на долг рок да ги вратат парите и да донесат развој. Во услови на криза државата кога троши треба да внимава, особено да не го зголемува внатрешниот долг, конкретно долгот кон бизнис секторот.
Државата веќе два месеци се раздолжува со бизнис-заедницата. Според Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на РМ, раздолжувањето на државата со бизнис-секторот оди според планот и тие очекуваат до крајот на февруари 2013 година да се реализира 100%. Бошков потенцира дека сигурноста доаѓа по усвојувањето на Буџетот за 2013 година за што бизнисмените се целосно задоволни.
- Како што најави премиерот Груевски така и се реализираат активностите. Уште на стартот, првиот месец раздолжувањето на државата кон стопанството достигна 45% од долгот, сега е зголемено и во моментов е дојдено до над 65 %, така што реално можеме да здивнеме дека до крајот на февруари ќе има целосно раздолжување - смета Бошков и додава дека стабилноста и ликвидноста на компаниите значително е подобрена.
Што се однесува, пак, на тековното задолжување на компаниите, тој смета дека бизнис секторот треба да биде внимателен во склучувањето на новите договори, да внимава и на процедурите на јавните набавки. Тој очекува дека новите тековни задолжувања на фирмите нема да бидат на долг рок, односно дека за 6 до 9 месеци тие ќе се раздолжат.
Златко Калеников, претседателот на Сојузот на стопански комори, потсетува дека и ММФ во својот извештај го поздравува раздолжувањето на компаниите. Според податоците со кои располага Комората, од 60% до 70% е реализиран повратот на ДДВ од државата кон фирмите, а позитивно е што враќањето на долгот е забрзано, фирмите стануваат ликвидни и до февруари раздолжувањето треба да се сведе на нула.
За економистот Шенај Хаџимустафа, задолжувањето на секоја држава, па и на македонската е оправдано ако значително се подобри бизнис климата и се изгради здраво стопанство, оти кога фирмите работа тие ќе може да ги плаќаат даноците и со тоа касата ќе се полни. Најзначајно е ако на сметка на јавниот долг се подобри животниот стандард, се намали сиромаштијата и невработеноста, односно се подобри целокупната бизнис климата.